Србија шест месеци го замрзнува контактот со албанскиот амбасадор

Србија не сака да ги влошува односите со Албанија, но однесувањето на албанскиот амбасадор во Белград, Илир Бочка, е недипломатска постапка. Ова го изјaви српскиот премиер Александар Вучиќ на заедниката прес-конференција со британскиот колега Филип Хамонд во Белград.

Како што изјавил Вучиќ, албанскиот амбасадор во Белград, Илир Бочка, кој одбил да ја прими протесната нота поради каменувањето на автобусот на српските фудбалери, постапил недипломатски и оти таквото однесување не може да се толерира.

– За вакво однесување има две решенија или амбасадорот да се прогласи за непожелна личност или да се прекинат контактите со него. Не сакаме да ги влошуваме односите со Албанија и поради тоа во следните шест месеци амбасадорот нема да биде примен од мене, ниту ќе може да биде во контакт со претставниците на Србија, рекол Вучиќ, пренесува МИА.

Тој додал дека сака да ги разбере Албанците, во смисол дека сакаат да испратат најдобра слика а не да направат инцидент, но дека тоа не може да го оправ/да недипломатскиот потег на албанскиот амбасадор.

Вучиќ додаде дека остварил разговор со албанскиот премиер Еди Рама, кој прими група српски студенти и најави дека тој ќе прими група албански студенти и дека тие две држави ќе продолжат да соработуваат.

Министертвото за надворешни работи на Албанија го оцени како непропорционална реакција на Србија во врска со амбасадорот Бочка. Портпаролот, Глевин Дервиши изјави дека ваквите реакции одат подалеку од сите норми на меѓународното право.

Инаку, српската фудбалска делегација денес без никаков проблем прошетала низ Тирана.