Балкан

Србија со демарш за Албанија поради знамето на „Голема Албанија“

Србија со демарш за Албанија поради знамето на „Голема Албанија“

Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ изјавил дека Србија упатила демарш до Албанија поради тоа што на резиденцијата на албанскиот премиер Еди Рама било истакнато знамето на „Голема Албанија“, пренесуваат српските медиуми.

Меѓутоа, додал Дачиќ, Србија ја продолжува соработката со албанскиот премиер и тоа никогаш не било доведено во прашање.

„Ние не направивме и нема да направиме ништо што би можело да ги загрози нашите односи со земјите во регионот, па нити со Албанија. На резиденцијата на српскиот премиер не се појави знамето на „Голема Србија“, туку на резиденцијата на албанскиот премиер се појави знамето на „Голема Албанија“. На ова реагиравме и секогаш ќе правиме така. Но тоа нема да не спречи тој премиер да го дочекаме како што треба, со него да разговараме и да се договориме за разни начини на соработка и да предложиме решенија кои ќе се базираат на двостран интерес“, рекол Дачиќ.

„Ние ги почитуваме другите, но бараме и тие да не почитуваат нас. Како што се вели, не бараме од другите ништо што и самите не сме подготвени да го дадеме. Тоа е нашата политика кон сите соседи. И со неа ќе постапиме и како претседавачи со ОБСЕ“, изјавил српскиoт министер во интервју за весникот „Данас“.

Дачиќ нагласил дека иднината на регионот е во развојот и немањето на конфликти, како и дека Србија веќе направила огромен чекор кон таа цел.