Србија: Уапсени седум лица осомничени за воени злосторства во Сребреница

Српското Министерство за внатрешни работи по налог на Обвинителството за воени злосторства рано изутринава уапси засега седум лица на различни локации во Србија, јави Танјуг, пренесе МИА.

Со професионална акција на Службата за откривање воени злосторства при српското МВР, седуммината осомничени се спроведени во Обвинителството.

Обвинителството за воени злосторства донесе наредба за спроведување истрага против поранешни припадници на Центарот за обука „Јахорина“ во состав на Специјалните бригади на МВР на Република Српска поради постоење основано сомневање дека во Сребреница извршиле воени злосторства против цивилно население.

Меѓу жртвите има повеќе од илјада лица од муслиманска вероисповед, чии посмртни останки се идентификувани во масовни гробници на повеќе локации, меѓу кои се Глогова 1 и 2 и Равнице.

Обвинителството и МВР трагаат по уште неколку лица за кои се претпоставува дека се наоѓаат во околните држави.