Србија: Запалени знамињата на САД, НАТО, ЕУ и Косово

Приврзаниците на Српската Радикална Партија протестираа денеска на годишнината од воената интервенција на НАТО и пред урнатата зграда на Генералштабот ги запалија знамињата на НАТО, Европската унија и Косово.

Лидерот на партијата Воислав Шешељ порача дека радикалите се собрале да го демонстрираат своето „непомирување“ со злосторничката НАТО и земјите кои ја бомбардираа Србија и да го кажат своето „не“ за влезот во Србија во Европската Унија.

Тој ги повика своите приврзаници каде и да видат НАТО војници да ги гаѓаат со јајца, камења и скапани домати.

– Сакавме на симболичен начин да покажеме што мислиме за НАТО, ЕУ и САД, како и за режимот во Србија, рече Шешељ и додаде дека Србија нема да биде дел од Алијансата.

Шешељ рече дека СРС „еден ден сигурно ќе ја ослободи Република Српска Краина“ дека по секоја цена ќе ја сочува Република Српска и ќе создаде услови за нејзино припојување кон Србија и по секоја цена ќе ја врати Црна Гора во единствената српска држава, а Косово ќе го ослободи.

Неговиот заменик Немања Шаровиќ порача дека единствен излез за Србија е „радикална промена на политиката и свртување кон Русија“ и дополни дека СРС е единствената партија во земјата која може да го урне режимот.