Србија: Застој во судството поради штрајк на адвокатите

Само во Белград се одложени 320 главни претреси за притворски предмети, како и стотина други судења во редовна постапка поради двомесечниот штрајк на српските адвокати.

Засега нема конкретни податоци за тоа колку предмети се во застој на другите три суда во српската престолнина, но се претпоставува дека се најмалку стотина.

Заради тоа, посочуваат дел од српските медиуми, има застој и во борбата со корупцијата, која изминатите две години зеде силен замав. Но во изминатите два месеци немаше ниту едно апсење, или нова кривична постапка.

За тоа време во повеќе наврати се прекинувани и повторно продолжуваа преговорите меѓу претставниците на адвокатите и министерството за правда, но решение сè уште нема. Адвокатите бараат измена на нотарскиот систем и регулирање на паушалното даночење. Иако законот за нотарска работа доживеа извесна измена минатата недела , тоа не ги задоволи адвокатите коипродолжија со протестот. Адвокатската комора на Србија го одби и предлогот од Министерството за финансии за регулирање на паушалниот данок, бидејќи беше условен со прекин на штрајкот.

Во меѓувреме, неколкумина адвокати добија забрана за работа од нивните регионални комори бидејќи не ја почитуваа одлуката да не одат на сослушувања и судења.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.