Србинка нема пари да плати за породувањето во Сплит, не и го даваат бебето

Далибор и Маријана Стојадинов од Белград не можат да го изнесат своето новороденче од родилиштето во Сплит, бидејќи српскиот Републички фонд за здравствено осигурување одбива да ги плати трошоците од 15 илјади куни за итното породување и лекувањето потоа.

Маријана неочекувано се породила во Сплит кон крајот на мај, и тоа во седмиот месец од бременоста. Бебето е сместено во инкубатор во Клиничко – болничкиот центар во Сплит каде престојува веќе два месеци.

Родителите и така веќе имале доволно проблеми кога од РФЗО следувал шок – првостепената комисија одлучила да одбие да ги плати трошоците за лекување.

-Семејството на Маријана живее во Книн и не повикаа итно да дојдеме зашто дедото беше во многу лоша состојба. Пред да тргнеме таа отиде на гинеколог и се беше во ред. Кога и пукна воденикот од Книн не испратија за Сплит, каде и направија царски рез.

Бебето е родено тешко само килограм и 200 грама и од тогаш е во инкубатор – вели таткото Далибор.

Шест дена по породувањето од 26 мај Маријана е пуштена од болница, но бебето останало. До кога не се знае.

-Сметката од 15.000 куни нема како да ја платиме. Во Сплит ни рекоа дека ќе ја плати Фондот, зошто со нив имаат таков договор, а не сме ниту прв ваков случај – вели Далибор.

Во сплитската болница велат дека семејството Стојадинови мора да има гарантно писмо дека сметката ќе биде платена, но и негирале дека бебето го задржале како залог додека се платат трошоците за породување и лекување.

Од српскиот Фонд не дале образложение зошто е одбиено плаќањето на сметката.