Србов: Кршењето на законите стана начин на работа на Владата на СДСМ

Незаконските разрешувања и назначувања станаа начин на работа на Владата на СДСМ, а во тој контекст е и еден случај на незаконски разрешувања и назначувања во Акционерското друшто за давање услуги во воздухопловна навигација, со што СДС уште еднаш докажува дека за нив не постои ниту правото, ниту правниот систем, ниту, пак, ги почитуваат законите на Владата, рече во петокот на прес-конференција членот на Извршниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Србов.

Србов рече дека владата предводена од СДСМ прво на 3-ти август донела одлука за назначување на тројца членови на Надзорниот одбор директно потпишана од премиерот Зоран Заев со која назначени се Ангел Папеш, Весна Павлов и Едмонд Калиќи.

„На таа седница од страна на Надзорниот одбор именувани се новите извршни директори на воздухопловна навигација и техника Климент Чепуновски и Николче Тасески кој воедно треба да е и Претседател на Управниот одбор на институцијата. Но, се би било во ред доколку при барање за упис на новите членови на надзорниот одбор во Централниот регистар на 24 август, барањето не би било одбиено од страна на Централниот регистар заради еден од членовите кој имал незавршени обврски кон Централниот регистар“, рече Србов.

Истакна дека на 30-ти август повторно е поднесено барање за упис на членовите на Надзорниот одбор, со што повторно е одбиено од страна на Централниот регистар.

„Со ова се докажува дека новоизбраните двајца директори на СДС се незаконски избрани и нивните одлуки и акти во изминатите период се незаконски. Потенцирам, сите нивни одлуки и акти ќе бидат незаконски и ќе подлежат на кривична одговорност. Сериозноста на работата на институцијата, не дозволува Владата на СДС да си поигрува со назначувањето на раководни лица во истата институција. Ова е преседан и срам за Владата на СДС. Со ова се делегетимираат институциите, се става во опасност работењето на институцијата и најважно, некој за ова кривично ќе одговара, за грубо прекршување на законите. Ова е следење на беззаконието и самоволието кое го демонстрира изминатиов период господинот Зоран Заев, а го најави уште одамна со менувањето во секој институција од чистачка до министер. Од ваквите незаконски именувања последици ќе има институцијата, граѓаните, безбедноста на воздухопловниот систем’, нагласи Србов.

Апелираше ваквите незаконски назначени кадри кои заедно со сите инволвирани во случајот на незаконско именување кој ќе одговараат кривично, да си поднесат оставка во најбрз можен рок. Србов притоа забележа дека ваквиот начин на работа на СДСМ граѓаните како што и секогаш повторуваме ќе го казнат на наредните избори.