Србов: Македонија наместо правна, стана окупирана држава на Заев

Република Македонија, наместо правна држава, стана окупирана држава на Зоран Заев и неговата политичка булумента. Со низата докази и документи кои ви ги презентиравме изминатите денови, а се однесуваат на незаконско разрешување и именување на функционери, ви обзнанивме дека Социјалдемократскиот сојуз и Зоран Заев директно и го прекршуваат изборниот законик член 8а и законот за спречување  на корупција, истакна на денешната прес-конференција Никола Србов член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Социјалдемократскиот сојуз свесно го прекрши законот за спречување на корупција, каде согласно даденото мислење на оваа институција од денот на донесување на одлука за распишување на  локалните избори до завршување на истите, постои законска пречка да се разрешуваат и именуваат директори, да се разрешуваат и именуваат Управни и Надзорни одбори за кои владата има надлежност, освен во случај каде нивниот мандат е завршен,при што може да се именува вршител на должност, вели Србов.

Тој додава дека ВМРО-ДПМНЕ уште на првата прес конференција напомена, дека имаме  прибавено обемна документација и докази за антидатирано нелегално и противзаконско назначувањена Управни и Надзорни одбори и незаконското именување и разрешување на директори и други раководни лица во институциите низ државата.

-За истите имаме докази дека се избрани и објавени во Службен весник после распишувањето на локалните избори, што овие Управни и Надзорни одборни и именувани и разрешени функционери ги прави нелегални и нивните дејствија и одлуки во самите институции по сила на закон се нелегални, посочува членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него уште еден таков пример за скандалозното и противправното работење на владата на Социјалдемократскиот сојуз и Зоран Заев е незаконското разрешување на  директорката на Фондот за  иновации и технолошки развој.

-Имено со решение на влада,после распишување на локалните избори на  10.08.2017 година, заведено под архивски број 02-414/1 противзаконски се разрешува од должност директорката на Фондот за иновации и технолошки развој  Јасминка Поповска, со потпис од господинот Зоран Заев. Во ист ден на 10.08.2017 година владата донесува ново решение  заведено под архивски број 04-414/2 со кое се назначува нов вршител на должност  на местото директор на фондот, извесен Јово Деспотовски, со што грубо се прекршува даденото мислење согласно законот за спречување на корпција, каде децидно е дефинирано дека по распишувањето на локалните избори на 6-ти август, постои законска пречка да се разрешуваат директори на управи и други државни институции, до завршување на изборите, вели Србов.

Тој додава дека за да правниот преседан биде уште поголем, Социјалдемократскиот сојуз и Заев во брзање да постават што поголем број на партиски послушници за директори пред распишување на на локалните избори на 6-ти август, не стигнале да прочитаат дека согласно  член 33 од Законот за иновациска дејност  за избор на нов директор, Управниот одбор распишува оглас и согласно  член 35 од истиот закон, Управниот одбор а не владата го разрешува директорот на Фондот за иновации и технолошки развој.

-Потенцираме Управниот одбор, а не владата го разрешува директорот на Фондот за иновации. Владата на Социјалдемократскиот сојуз можеби би постапила согласно закон,но немала време но и можност законски според процедура, преку Управниот одбор да го разреши директорот на Фондот за иновации. Владата не можела да го разреши директорот на фондот законски, затоа што донеле решение за нов управен одбор заведено со архивски број 02-414/6  на 23.08.2017 година, дури 13 дена подоцна од противзаконската одлука за разрешување на директорот кои самите ја имаат донесено, посочува Србов.

Сега е јасно, вели членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, зошто на владата на Социјалдемократскиот сојуз и Заев им било проблем да ги испочитуваат законските процедури, затоа што најверојатно немале Управен одбор во дадениот момент според нивен партиски терк.

-Законските основи за разрешувања или именувања  се прекршени. Сето ова се силни индиции за незаконско дејствување, за ваквото работење  кривична одговорност има и истата ќе постои кога ќе се врати правната држава. За ваквото незаконско работење ќе има и мора да има индивидуална правна и политичка одговорност, за секој оној кој се огрешил пред законот. ВМРО-ДПМНЕ смета дека е најдобро незаконски именуваните и поставени лица во најкраток можен рок да си поднесат оставки. Како што досега тоа го сторија двајца. Поради ароганцијата и насилничкиот и противзаконски начин на владеење на Социјалдемократскиот сојуз на предстојните локални избори целосно ќе бидат делигитимирани од страна на граѓаните, нагласува Србов.