Србов: Сакаат да се уапси се’ што се бори за Македонија

Пред граѓаните денеска на протестот организиран од ВМРО-ДПМНЕ пред Министерството за правда се обрати Никола Србов. Тој кажа дека оваа власт владее на начинот на кој што се владеело во најцрните денови од комунистичкиот режим.

-Денеска имаме власт која си го апси сопствениот народ, која врши притисок врз сопствениот народ. Имаме власт која врши притисок врз медиумите во Република Македонија, се заплашува секој еден кој сака да каже нешто кое не е во согласност со размислувањата на СДСМ. Сакаат да се уапси се она што е ВМРО-ДПМНЕ, се она што се бори за Македонија, изјави Србов.

Тој кажа дека во нивниот план стои уапси го ВМРО, урни го ВМРО и така ќе можеш да ја урнеш Македонија.

-Овие луѓе не сфаќаат што значи ВМРО, не сфаќаат ни што се има поминато ВМРО како организација. ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија во 1990 година се формираше преземајќи го континуитетот на Македонската револуционерна организација од 1893 година и има потполно легитимитет врз таа организација, изјави Србов.

Тој кажа дека токму заради тоа денеска сакаат да го урнат ВМРО-ДПМНЕ оние кои што го наследија владеењето на комунистичкиот режим.

-Сето ова има една историска димензија. Во овие моменти во Република Македонија се ослободија луѓето кои убиваа деца, се најавува меѓународна истрага за луѓето кои пукаа на полицијата, а Македонците кои се бореа за правдина ги апси без докази, без никаков случај. Секој оној кој лежел затвор за Македонија историјата ги памети и овие луѓе кои денес лежат затвор за Македонија историјата ќе ги памети, изјави Србов.

Тој кажа дека целта е тие да бидат замолкнати и скршени додека Заев распродава се’ што е македонското, но кажа дека Македонецот поминал многу полошо од ова и дека борбата сега почнува.

Србов кажа и дека протестот продолжува утре од исто место, пред Министерството за правда од 18 часот.