Среба на Османи со естонскиот дипломат Маасикас

Импресиониран сум од посветеноста на Владата да го искористи овој моментум. Да се посвети на реформите и отстранување на останатите пречки на патот кон Унијата, рече заменикот министер за надворешни работи на Естонија, Мати Маасикас, на средбата со вицепремеирот задолжен за европски прашања Бујар Османи.

Во своето обраќање по средбата, вицепремиерот Османи уште еднаш ја потврди насоченоста на Владата во отстранувањето на сите пречки кои претставуваат препрека за евроинтеграциите, односно имплементацијата на ткн „Планот 3-6-9“, како и затворањето на отворените политички прашања, меѓу кои се и односите со соседите, но и донесувањето на законот за употребата на јазиците.

„Притоа сакам да истакнам дека Република Македонија гледа оптимистички на претседавањето со Советот на Европската унија од страна на Република Естонија до крајот на годината, период кој нашата држава реши да го посвети на реформите и отстранување на сите пречки кои го отежнуваат приближувањето на Македонија кон Унијата. Наша цел е, додека трае претседавањето на Естонија, да ги добиеме првите конкретни чекори од страна на Унијата кои ќе бидат во насока на визибилноста на европската перспектива на Република Македонија“, истакна Османи на средбата.

Додаде дека е добро што Македонија, на овој пат кон Европската унија, има пријатели и поддржувачи, и дека Естонија ја смета за таков сојузник.

Маасикас, заблагодарувајќи се на гостопримството и пријателството коешто, како што рече, го чувствува веќе втор ден од неговата посега на Македонија, истакна дека ЕУ ја потврдува својата позиција за поддршка на процесот на проширување, а претседавањето на Естонија, како и последователно, следните претседателства на Бугарија, Австрија и Романија, претставуваат одлична шанса, добар моментум, кој не треба да го пропуштат земјите од Западниот Балкан.

„Импресиониран сум од посветеноста на Владата да го искористи овој моментум. Да се посвети на реформите и отстранување на останатите пречки на патот кон Унијата. Проширувањето е мерит процес, и сите земји, кои имаат аспирации и ги исполнуваат условите, треба да бидат дел од ЕУ“, рече Маасикас при обраќањето.

Истакна дека сите успешни итегративни процеси во Централна и Источна Европа се изградени на силен внатрешен консензус, порачувајќи го тоа искуство и за Македонија.