Сребрен медал за Стефанија Гаштарска на Светскиот балетски натпревар

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска во просториите на Министерството за култура ја прими младата балерина Стефанија Гаштарска, која на Светскиот балетски натпревар во Романија, кој се одржа од 19 до 21 март, во конкуренција од 200 учесници од целиот свет, го освои сребрениот медал. На средбата, на која присуствуваа и директорот на Музичко-балетскиот училиштен центар „Илија Николовски–Луј“, Јован Бицевски, и професорката Соња Здравкова-Џепароска, министерката за култура ѝ го честиташе високото признание на Стефанија.

Канческа-Милевска истакна дека учеството на Стефанија на балетскиот натпревар во Романија претставува не само нејзин личен успех, туку тоа е успех и за државата и за промоцијата на Република Македонија како земја на млади талентирани уметници. Таа ја подвлече важноста од поддршката за младите таленти и квалитетните кадри, кои во наредниот период од особено значање е да станат дел од институциите во културата.

Директорот на Музичко-балетскиот училиштен центар „Илија Николовски–Луј“, Јован Бицевски се заблагодари на поддршката која Министерството за култура во континуитет ја дава за афирмацијата на младите уметници и подвлече дека успехот на младата балерина е огромен, бидејќи на натпреварот во Романија златото не било воопшто доделено, така што Стефанија освоила најголем број бодови во својата категорија.

По освоеното меѓународно признание, Гаштарска во јуни годинава, со поддршка на Министерството за култура, ќе настапи и на познат меѓународен балетски натпревар во Орландо во Соединетите Американски Држави каде ќе се претстави со кратка балетска точка за која музиката ја изработи Кирил Џајковски.

Стефанија, која има 13 години и е ученичка во 8 одделение, појасни дека на натпреварот, освоила најголем број поени во својата натпреварувачка група за класичната варијација, по што учествувала и на натпреварот за наградата гран при, каде што партиципирале осум натпреварувачи од сите групи и категории кои имаат добиено најголем број поени. Младата балерина, како претставник на Република Македонија, се претставила и на завршниот гала-концерт, на кој, покрај наградените учесници на натпреварот, настапиле и неколку врвни светски балетски имиња.

Меѓу учесниците од Јапонија, Кореја, Австралија, Велика Британија, Франција, Шпанија, Шведска, Полска, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Романија, освен  Стефанија, се натпреваруваа и две ученички од основното и една од средното балетско училиште „Илија Николовски-Луј“ од Скопје од класата на проф. Соња Здравкова-Џепароска. Натпреварот бил оценуван од референтна жири-комисија составена од реномирани балетски уметници и уметнички директори на балетски компании од Русија, Куба, САД, Порторико, Германија, Кореја, ЈАР, Србија, Хрватска и Романија.

06 balerina