Царината заплени сребрен накит, муниција, ракија и облека

Во текот на минатата недела и викендот, царинските службеници спречија повеќе обиди за криумчарење стока, при што привремено се задржани сребрен накит, муниција за автоматско оружје, домашна ракија, текстилни производи, хартиени тапети и фалсификати.

Царинските службеници запленија 95 сребрени синџирчиња, со вкупна маса од 200 грама, откриени на царинската испостава Богородица-патнички промет, при контрола на товарно возило со турски регистарски таблички, пријавено за влез во државата. Непријавениот накит е пронајден во товарниот дел на возилото, помеѓу легално пријавената стока, наменета за фирма увозник од Косово.

Вредноста на сребрените синџирчиња е проценета на околу 37 илјади денари.

Царината заплени и 70 куршуми за автоматско оружје, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Богородица.

Под тапацирот, во фабричките празнини на багажниот простор на возилото пронајдени се 30куршуми за автоматска пушка со калибар 7,62 мм  и 40 куршуми за автоматски пиштол, од кои 39 куршуми со калибар 7,62 мм и 1 куршум со калибар 7,65 мм.

Во заплената на полицијата се вбројувааат 480 литри домашна ракија, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски, извршена на патниот правец Катланово-Петровец. На седиштата на возилото, управувано од македонски државјанин, пронајдени се 24 пластични канистри со домашна ракија, чија вредност е проценета на 96 илјади денари.

Царинските службеници запленија и голем број текстилни производи, тапети и најразлична стока за која постои сомневање дека ги повредува правата од интелектуална сопственост.