Средба Бесими-Фрај

Заменик Претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања Фатмир Бесими денеска оствари средба со г-дин Торстен Фрај, член на Бундестагот од редовите на владејачката партија ЦДУ во Германија и г-ѓа Ања Чимек, официјален претставник на Фондацијата Конрад Аденауер.

Вицепремиерот Бесими на почетокот им се заблагодари на претставниците на СР Германија за поддршката која Република Македонија и државите од Западен Балкан ја добиваат во континуитет, која се докажа и преку Берлинската конференција и редовните посети и интерес на Високо ниво.

“Особено ја цениме поддршката изразена од страна на Канцеларот Меркел на минатонеделната Берлинска конференција дека сите држави од Западен Балкан треба да имаат можност да се приклучат на Европската унија ако ги исполнуваат барањата за пристапување”, истакна Бесими.

На состанокот вицепремиерот Бесими подвлече дека Евро-атлантската интеграција останува клучен стратешки приоритет на нашата земја, а Владата и понатаму продолжува со силни напори да ги спроведува потребните реформите во судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, подобрување на меѓуетничките односи врз принципот на меѓусебна толеранција и почит и зголемување на економскиот раст и вработувањето.

Меѓудругото на состанокот се дискутираше за Акцискиот план и за приоритетите кои се клучни во процесот на пристапување во ЕУ, утврдени со Пристапниот дијалог на високо ниво, како што се слобода на изразување, владеење на правното, судството, корупција и меѓуетничкиот дијалог, изборните реформи, реформите во јавната администрација и економските критериуми. При тоа, Бесими додаде дека очекуваме напредокот на Македонија да биде соодветно забележан и валоризиран во есенскиот Извештај на Европската комисија.