Средба Груевски – Ховит

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денеска се сретна со досегашниот известувач на Европскиот парламент за Република Македонија, Ричард Ховит.

Соговорниците, како што соопшти владината прес-служба, позитивно ја оцениле досегашната соработка, изразувајќи заложби за продолжување на комуникацијата на теми од заеднички интерес.

Премиерот Груевски изразил благодарност до Ховит, за неговиот досегашен ангажман и придонесот кој тој го имаше во спроведувањето на реформите и во напредокот на Република Македонија кон Европската Унија.

Претседателот на Владата дал и позитивна оценка за поддршката која Европскиот парламент континуирано ја овозможува на Република Македонија во процесот на унапредување на состојбите и исполнувањето на европските стандарди.

Тој го информирал соговорникот и за понатамошната посветеност на Владата за реализација на стратешките определби на Република Македонија за членство во Европската Унија и НАТО. 

Ховит истакнал дека и во идниот период, како и досега, во рамките на своите ангажмани ќе продолжи да ја поддржува нашата земја во процесот на достигнување на европските и евро-атлантски стандарди.

Соговорниците разговарале и за владиниот акциски план за идните реформи кој е изготвен согласно препораките на Европската Комисија.