Средба Груевски – Заев во Стразбур

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и лидерот на опозициската СДСМ Зоран Заев денеска попладне во Стразбур ќе се сретнат со тројцата европратеници, Ричард Ховит, Иво Вајгл и Едуард Кукан. Се очекува во рамки на средбата да се разговара за излез од актуелната политичка криза во земјата.

Претходно, тројката олеснувачи Ховит, Вајгл и Кукан во Брисел имаа средби со претставници на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, но детали од средбите не беа соопштени.

Европратеникот Ховит присуствуваше на неделниот протест на СДСМ пред Владата, а вчера имаше средба со претставници на ВМРО-ДПМНЕ кои му соопштија детали за нивниот синоќешен собир.

– Јас сум тука да набљудувам и нема  да се обидам да лоцирам вина кај едната или другата страна, тоа не е одговорно однесување, во случај кога сте дел од посредништвото кое треба да ја разреши политичката криза, изјави Ховит.

Во текот на денешниот ден, Груевски и Заев во Стразбур ќе се сретнат и со еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, кој ќе се обиде да ги помири политичките противници со цел надминување на политичката ситуација во земјата.

За оваа задача, Хан синоќа беше охрабрен и од министрите за надворешни рбаоти на земјите-членки на ЕУ, кои во рамки на Советот за надворешни работи на Унијата одржаа кус состанок и за политичко-безбедносната ситуација во Македонија и се договорија подетално да се навратат на ова прашање во јуни.

Македонија, Турција и Унгарија утре, пак, ќе бидат на дневен ред и на новата сесија на Европскиот парламент. Европратениците во Стразбур ќе расправаат за политичката криза во Македонија и настаните во Куманово.

фото: МИА

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.