Средба Иванов-Хајндл: Нема веќе изговори за обврските од договорот од Пржино

Средба Иванов-Хајндл: Нема веќе изговори за обврските од договорот од Пржино
Средба Иванов-Хајндл: Нема веќе изговори за обврските од договорот од Пржино
Нема повеќе место за алиби, изговори и избегнување на обврските од договорот од Пржино. Политичките чинители треба да покажат конструктивност, одговорност и висока свест за интересите на граѓаните и на државата“, истакнал претседателот Ѓорге Иванов на денешната средба со германскиот специјален претставник Јоханес Хајндл.

Како што соопшти Кабинетот на Иванов, на средбата биле разменети мислења за актуелните случувања на политички план во Република Македонија, како и за можностите и начините за надминување на предизвиците на политичката сцена во земјата.

Амбасадорот Хајндл ја поздравил и упатил честитки за одлуката на претседателот Иванов за поништување на одлуките за помилување – ослободување од гонење без спроведување на постапка, со што се отвори можност за фокусирање кон обврските од договорот од Пржино.

Иванов, пак, изразил очекување дека неговата одлука ќе придонесе за надминување на политичката криза.

Во таа насока, како што се наведува во соопштението, двајцата соговорници се согласиле за потребата за спроведување на обврските од договорот од Пржино, како и неопходните реформи, кои се единствениот начин за излез од политичката криза.

Иванов и Хајндл размениле мислења и за состојбата поврзана со мигрантската и бегалската криза, како и влијанието на актуелната политичка состојба врз севкупните капацитети на државата во справување со истата.

Специјалниот пратеник Хајндл попладнево имаше средби со премиерот Емил Димитриев, како и со лидерот на СДСМ Зоран Заев. Според најавата од германската амбасада тој исто така треба да има средби и со со министерот за надворешни работи Никола Попоски и со специjалната обвинителка Катица Jанева, и со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на ДУИ Али Ахмети и на ДПА Мендух Тачи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.