Средба Иванов-Николиќ: Македонија и Србија имаат интензивен политички дијалог на највисоко ниво

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, во рамки на Самитот на претседатели на „Процесот Брдо – Бриони“, кој се одржува во Будва, Црна Гора, имаше средба со претседателот на Србија, Томислав Николиќ.

На средбата, Иванов и Николиќ разменија мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете земји. Заемна оценка е дека Република Македонија и Република Србија имаат традиционално пријателски односи, интензивен политички дијалог на највисоко ниво и соработка во повеќе области од заемен интерес, која во наредниот период треба да се продлабочи, пишува МИА.

Двајцата претседатели разменија мислења и информации и за актуелните политичко-економски состојби во двете земји, како и за севкупните состојби во регионот со посебен нагласок за предизвиците поврзани со стабилноста и безбедноста.

Претседателот Иванов синоќа учествуваше на работната вечера на земјите членки на „Брдо-Бриони Процесот“, а предвидено е денеска да има обраќање на пленарната сесија на Самитот.

На состанокот, покрај Иванов, ќе учествуваат и претседателот на Црна Гора Филип Вујановиќ, претседателот на Австрија Хајнц Фишер, претседателите на Хрватска и Словенија, Колинда Грабар – Китаровиќ и Борут Пахор,  претседателите на Србија, Албанија и Косово, Томислав Николиќ, Бујар Нишани и Атифете Јахјага, како и претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина Младен Иваниќ.

Проширувањето на Европската унија, инфраструктурните проекти и енергетската безбедност се дел од клучните теми на годинашниот состанок на лидерите на „Брдо-Бриони Процесот“ во Будва.