Средба Иванов – Вучиќ: Да се формираат мешовити комисии за малцинствата во Македонија и во Србија

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов на денешната средба со српскиот премиер Александар Вучиќ апелирал во најскоро време да се формираат работните групи и одржување експертски разговори за имплементирање на билатералниот договор за заштита на културно-историските споменици, како и мешовитата комисија за имплементација на договорите, обврски од Спогодбата за заштита на македонското национално малцинство во Република Србија и српското национално малцинство во Македонија, која е во сила од 2005 година.

Како што информираат од Кабинетот на Иванов,  тој добил уверување од српскиот премиер дека во најскоро време ќе бидат формирани и работни групи и мешовитата комисија со цел имплементација на договорите и оти по изборите во Македонија ќе се одржи втората заедничка седница на двете влади.

Претседателот Иванов и премиерот Вучиќ изразиле задоволство од достигнатото ниво во севкупната соработка и од размената на меѓусебни посети кои се рализираат во периодот кога одбележуваме 20 години од воспоставувањето дипломатски односи и кога двете земји прославуваат значајни јубилеи.

На средбата биле разменети информации за состојбите на политички и економски план, како и за актуелните состојби во регионот.

Во однос на мигрантската криза и безбедносните предизвици српскиот премиер било договорено да продолжи соработката, заеднички настпа кон ЕУ во случај на нов бран мигранти и поинтензивна соработка на безбедносните служби.

– На планот на економската соработка, беше искажана подготвеност за натамошно продалбочување на соработката, испитување на можностите за заеднички настап на трети пазари, заедничка туристичка понуда, и беше поздравена иницијативата и дадена поддршка за одржувањето на македонско-српскиот бизнис форум и формирање на Македонско-Српски бизнис клуб, информираат од кабинетот на македонскиот претседател, јави известувачот на МИА.

Посветеноста, пак, на инфраструктурните проекти ќе помогне да се зголеми обемот на трговската размена, а теми за разговор на средбата биле и довршувањето на Коридорот 10 и проектот Вардар-Морава-Дунав.

Иницијативата за формирање Македонско – Српски бизнис форум беше презентирана доцна попладневно на македонеско – српскиот бизнис форум во Белград во организација на Стопанската комора на Македонија и Стопанската комора на Македонија, поддржан од претседателите на Македонија Иванов и на Србија Томислав Николиќ.

На бизнис форумот учествуваат стотина компании од Македонија и од Србија, а главната порака беше дека заеднички настап на трети земји ќе ги зголеми шансите за пласман на компаниите.

Годишно во просек трговската размена меѓу Македонија и Србија е околу 700 милиони долари, а само во првите шест месеци од оваа година изнесувала околу 340 милиони долари.

Македонскиот претседател Иванов е во работна посета на Србија во рамки на одбележувањето на 70 годишнината од доселувањето на Македонците во Војводина. Претходно денеска тој имаше средба со неговиот домаќин претседателот Николиќ.