Средба на Адеми со германската амбасадорка Алтхаузер

Како што соопштија од Секретаријатот за европски прашања, на средбата Адеми и Алтхаузер се осврнале на политичката криза во земјава, истакнувајќи дека е потребно сите потписници на договорот од Пржино да ги исполнат своите обврски за надминување на состојбата.

– Вицепремиерот Адеми го изрази своето уверување дека и покрај моменталната состојба Република Македонија стои и ќе остане на својата евроатланска стратешка ориентација. Ние сакаме да станеме членка на НАТО, во најкус можен рок, а исто така сакаме да ги започнеме и пристапните преговори за членство во ЕУ, стои во соопштението.

Адеми изразил благодарност за досегашната германска поддршка на земјава, со очекување дека соработката ќе продолжи во идниот период. Нагласил дека Македонија и Германија негуваат традиционално добри билатерални односи, кои се реализираат преку одредени заеднички проекти, како и директна поддршка преку канцеларијата на ГИЗ.