Средба на челниците на Турција и Иран пред самитот со Русија

Иранскиот претседател Хасан Роухани разговараше во средата во Анкара со турскиот домаќин и колега по должност Реџеп Тајип Ердоган во пресрет на трилатералниот самит со Русија посветен на конфликтот во Сирија.

Трите земји заеднички работат од крајот на 2016 година на напорите да се намали насилството во Сирија, и покрај тоа што поддржуваат различни страни во тамошниот конфликт. Турција, доминантно сунитска земја, ги поддржува сунитските бунтовници кои од март 2011 година се обидуваат да го соборат сирискиот претседател Башар ал-Асад, кој потекнува од алавитската зедница, огранок на шиитскиот ислам. Иран и Русија, пак, се најголемите поддржувачи на владата во Дамаск.

Иранскиот претседател изјави пред заминувањето од Техеран дека станските сили кои дејствуваат во Сирија без одобрување од владата во Дамаск треба да се повлечат, алудирајќи притоа директно на Турција којашто во курдските региони на својот северен сосед ја спроведува операцијата „Маслиново гранче“, како и на САД.

Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот повторно порача дека сака да ги повлече американските сили од Сирија, велејќи дека тоа ќе се случи „многу наскоро“, бидејќи џихадистчката организација Исламска држава на теренот е речиси целосно поразена. Според Пентагон на сириска територија има распоредено околу 2.000 американски специјалци.

„Иран верува дека присуствто на странски сили во Сирија без одобрување на сириската влада е нелегално и мора да запре“, изјави Роухани во вторникот вечерта во Техеран.

Во средата Ердоган и Роухани се сретнаа и одржаа состанок зад затворени врати набрзо по пристигнувањето на иранскиот челник во Анкара. Се очекува подоцна во текот на денот да им се придружи рускиот претседател Владимир Путин. Тројцата лидери ќе одржат заедничка прес-конференција по завршувањето на самитот.

Трите земји се покровители на мировните преговори меѓу завојуваните сириски страни познат како „мировниот процес во Астана“. Напорите на неколкуте самити во Астана доведоа до формирање четири зони на деескалација во Сирија, каде што значително се намалени вооружените судири, според покровителите на договорот. Според најавите самитот во Анкара треба дополнително да го олесни процесот во Астана.

Паралено, во швајцарска Женева изминатата година се водат и ткн Женевски преговори за мирно решавње на сириската криза под покровителство на ОН. Но се оценува дека овој процес има многу малку постигнувања, во прв ред поради присуството на голем број бунтовнички фракции чиишто покровители се западните и земјите од регионот кои се регионални ривали на официјален Дамаск и Иран.