Средба на Џафери со азербејџанскиот амбасадор Багиров

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери денеска се сретна со вонредниот и ополномоштен амбасадор на Република Азербејџан во Република Македонија, Фаик Багиров, информира службата за односи со јавноста на парламентот.

Џафери изразил задоволство за реализација на средбата со претставник на земја пријател и поддржувач на Република Македонија, со која се воспоставени билатерални односи уште од 1995 година под уставното име и за поддршката на Република Азербејџан на билатерално и мултилатерално ниво.

„Беше изразен интерес за интензивирање на билатералните контакти на сите нивоа, вклучително и на парламентарно ниво, имајќи го предвид фактот што во Националното собрание на Азербејџан има воспоставено парламентарна група за соработка со Парламентот на Република Македонија, како и во повеќе области како енергетика, туризам, зголемување на трговската размена и други области од заемен интерес за двете држави“, се наведува во соопштението за средбата.

Во однос на барањето упатено до шефот на македонската Делегација во ПС на ОБСЕ од страна на потпретседателот на ПС на ОБСЕ, Азај Ѓулиев, за потпишување Протокол за формирање „Група за поддршка на Патот на свилата” во рамките на ПС на ОБСЕ, а која ја потпишаа сите земји кои беа присутни на состанокот во Минск, Џафери го информирал соговорникот дека поради немање парламентарна делегација на состанокот, документот не беше потпишан од наша страна и дека истото ќе биде направено на следниот состанок на ПС на ОБСЕ во Андора.

Амбасадорот Багиров упатил честитки до Џафери за неговиот избор и му врачи писмо од претседателот на Националното собрание на Азербејџан, Октај Асадов со официјална покана за посета.