Средба на ФЗОМ со Здружение на граѓани за третман на лица со аутизам „Во мојот свет“

Директорката на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Маја Парнарџиева Змејкова и нејзиниот тим, заедно со Анита Минова – Советник на Претседателот на Влада на РМ одржаа прва работна средба со претставници на Здружение на граѓани за третман на лица со аутизам – „Во мојот свет“.

На состанокот стана збор за можноста за унапредување на здравствената состојба на оваа група пациенти, подобрување и зајакнување на едукација на населението и на медицинскиот персонал со цел рана детекција на оваа група пациенти.

Престседателот на Здружението „Во мојот свет“, Златко Стојановски информираше дека традиционално трета година по ред организира настан по повод Меѓународниот ден на аутизмот на втори април и го покани ФЗОМ да земе учество на настанот кој ќе се одржи во Скопје Сити Мол.

Преставниците на здружението разменија мислење за значењето на раната детекција на децата со аутизам и како тоа влијае врз нивната состојба. Според Светската здравствена организација се проценува дека во Македонија живеаат околу 2.000-2.500 лица со аутизам. Отворање на Центар за рана детекција и третман на лица со аутизам би бил од одгормно значење за подобрување на квалитетот на животот на лицата со аутизам, меесто каде би се згрижиле, родителите би добиле навремени информации и рана дијагностика, ран третман, право на едукација и здравствена заштита, истакна на состанокот Весна Стојановска, потпретседател на Здружението.

Од страна на ФЗОМ, Парнарџиева Змејкова ги замоли претставниците на здружението да достават анализа на состојбата на лицата со аутизам. Фондот продолжува со практиката да остварува редовни директни средби со здруженијата на граѓани за да се изнајдат најдобрите начини да се унапреди квалитетот на здравствени услуги согласно потребите на самите пациенти и осигуреници.