Средба на Македонците од Егејскиот дел во Македонија

Во штипското село Брест се одржа 21. средба на Македонците кои се протерани од Егејскиот дел на Македонија, пренесува МИА.

Претседателот на Сојузот на децата-бегалци од Егејскиот дел на Македонија „Македон“, Ташко Јованов вели дека на овие средби секоја година испраќаат пораки до европските институции, но и до грчките власти за да се решат проблемите со кои се соочуваат Македонците од Егејска Македонија.

– Имаме порака до младиот претседател на Владата на Грција, Ципрас да ги отвори архивите на Комунистичката партија во Грција и Македонците кои се бореа заедно во Граѓанската војна и точно да ја дознаеме вистината меѓу грчката држава и Македонците протерани. Второ, младиот премиер Ципрас сигурно ќе најде разбирање и ќе ги укине нашите црни печати, вели Јованов.

Претседателот на Здружението „Македонски Егеј “- Штип, Јордан Тунев вели дека повторно на Велигден на едно место се собраа прогонетите Македонци од Егејска Македонија, кои живеат во земјава и странство со една цел да се видат, но и да испратат пораки.

Тунев вели дека грчкиот премиер Ципрас треба да го реши проблемот со црните печати на нивните пасоши и да престане дискриминацијата кон Македонците кои се родени во Егејска Македонија, бидејќи, како што рече тој, гледаме дека Европа во моментов е без граници.