Балкан

Средба на масоните во Белград?

Средба на масоните во Белград?

Организирањето на состанокот на Трилатералната комисија во Белград, на кој присуствува и македонскиот претседател Ѓорге Иванов, предизвика бура од коментари во балканските медиуми. Причина за тоа е таинствениот имиџ на Комисијата, која веќе четири децении обединува влијателни политичари, бизнисмени и интелектуалци од целиот свет.

Формирана во 1973 година од страна на Дејвид Рокфелер, американскиот банкарски и нафтен магнат кој се уште стои на чело на бизнис – династијата Рокфелер. Неговите активности за создавање на светска зона на слободна трговија го водат Дејвид Рокфелер да го основа Советот за надворешни односи, а потоа и Трилатералната комисија, која треба да работи за одржување на блиски врски меѓу трите главни демократски центри на светот – Северна Америка, Западна Европа и Јапонија.

Самиот Рокфелер, за целта на Комисијата, и за бројните критики упатени на негова сметка, има изјавено: – Доколку ме обвинувате дека ковам заговори со други луѓе низ светот за да изградиме подобро интегрирана светска политичка и економска структура, односно единствен свет. Доколку така гласи вашето обвинување, тогаш да, јас сум виновен, и горд сум на тоа, Рокфелер има напишано во својата автобиографска книга објавена во 2003 година.

132352389

Некои од влијателните личности кои се поврзуваат со Трилатералната комисија се американските надворешно-политички гиганти како Џозеф Нај, Збигњев Бжежински и Хенри Кисинџер. Нај останува на чело на американското одделение, Жан Клод Трише, поранешниот претседател на Европската централна банка е претседател на одделението за Европа, додека јапонскиот фармацевтски магнат Јасучика Хасегава е задолжен за активностите на Трилатералата на далечниот Исток.

Трите разграноци на Комисијата, Американскиот, Европскиот и Источно-Пацифичкиот се пропорционално претставени во членството. Главни места на среќавање на комисијата се Вашингтон, Париз и Токио, но таа организира средби и во други делови на светот.

Конференцијата во Белград ја организира влијателниот српски бизнисмен, и поранешен југословенски младински функционер Тахир Хасановиќ, кој е и претседател на српската канцеларија на Трилатералната комисија. Меѓу поканетите лидери од регионот, освен претседателот Иванов, се најдоа и црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, претседателот на босанското Претседателство Бакир Изетбеговиќ, претседателот на Република Српска Милорад Додик, но и претседателката на Косово Атифете Јахјага, која ја одби поканата од протоколарни причини.

Во Белград се очекува да пристигне и поранешниот италијански премиер Марио Монти, кој беше клучен во спречувањето на економската катастрофа во оваа земја за време на европската економска криза. Се очекува да присуствува и Питер Сатерленд, директор на банкарскиот гигант Голдман Сакс.

132352348

Една од клучните карактеристики на Трилатералната комисија е нејзината таинственост, околу членството и заклучоците на нејзините состаноци. Еден од најпознатите случаи на кршење на тајноста на состаноците на Трилатералната комисија се случи минатата година во Вашингтон, кога новинарот Џош Рогин влезе на состанокот и го сними обраќањето на државниот секретар Џон Кери. Најскандалозната изјава што Кери притоа ја даде, и која предизвика сериозни проблеми за државниот секретар, беше дека Израел, со натамошната воена контрола врз Западниот Брег, се претвора во држава во која владее апартхејд.

Новинарот Рогин изјави дека, иако поканетите членови на Трилатералната комисија биле повикани да молчат за тоа што ќе биде кажано на средбата во хотелот Мандарин Ориентал во центарот на Вашингтон, тој влегол во салата без било каква проверка и имал можност да го сними обраќањето на Кери.