Средба на министерот Димовски со кинескиот амбасадор Џивеи

Министерот за земјоделство Љупчо Димовски, денеска одржа состанок со амбасадорот на Народна Република Кина во Република Македонија, Цуи Џивеи.

Амбасадорот Џивеи го информираше министерот Димовски дека кинески компании од областа Сичуан во Кина се заинтересирани за инвестирање во земјоделскиот сектор. Најави дека во наредниот период ќе дојдат во Македонија за поблиску да се запознаат со условите за инвестирање во сточарството, посебно во делот за одгледување на овци. Тој го извести министерот Димовски дека областа Сичуан е најголемата кинеска провинција, со 90 милиони жители и со најразвиено земјоделство, посебно во свињарството, каде годишно се одгледуваат по 90 милиони свињи и каде една четвртина од вкупното производство на земјоделски производи во Кина се остварува во провинцијата Сичуан.

Министерот Димовски рече дека Министерството и Република Македонија посветуваат големо внимание на односите меѓу нашите две држави. Имено, веќе две години како Министерство активно учествуваме на саемите за земјоделство и вино во Народна Република Кина. Со самото присуство на саемите уште повеќе ги зближуваме нашите две држави.

„Ми преставува предизвик да учествувам во зближувањето на нашите два народи“, истакна министерот Димовски на средбата.

Македонија е позната по производството на квалитетниземјоделски производи: „Бележиме континуиран пораст на производството и извозот на земјоделски производи“.

Со цел продлабочување на трговската соработка и унапредување на извозот на македонските земјоделско-прехранбени производи, со Кина веќе е потпишан Меморандум за разбирање за понатамошна соработка во земјоделството и Протокол за фитосанитарни услови за извоз на тутун од Македонија во Кина, со што формално правно веќе е овозможена соработката во областа на земјоделството. Извозот на вино на кинескиот пазар во 2013 година споредено со 2012 е зголемен за 4,5 пати, што претставува дополнителен мотив за уште поактивно работење за поголемо присуство на македонски земјоделски производи на кинескиот пазар.

„Исто така, ја имате мојата поддршка за било која инвестиција во областа на земјоделството“, рече министерот Димовски.

На крајот на средбата, амбасадорот Џивеи. истакна дека лично ќе се заложи за интензивирање на соработката меѓу двете земји. Посебно во земјоделството и упати покана до министерот Димовски во текот на годината да ја посети Кина.