Средба на министерот Јолевски и генералот Котески со првиот контингент во мисијата „Одлучна поддршка“

Јас сум сигурен дека вие достојно ќе ја претставите Македонија во оваа нова мисија и дека ќе придонесете кон достигнувањето на главната цел на ’Одлучна поддршка’ – развојот на Авганистан, им порача министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски на 13-мината припадници на Армијата на Република Македонија кои заминуваат во рамките на новата мисија „Одлучна поддршка“ во Авганистан, која официјално ќе започне на први јануари 2015 година.

На средбата во Министерството, на која присуствуваше и началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-потполковник Горанчо Котески, министерот Јолевски додаде дека за нас е најзначајно сите припадници на Армијата кои се дел од меѓународни мировни мисии да се вратат здрави и живи дома во своите семејства и својата татковина. „Вашите искуства се непроценливи за развојот на Армијата и затоа очекуваме истите да ги споделувате со своите колеги, со што ќе помогнете и во развојот на сопствената Армија“, рече министерот Јолевски. Тој додаде дека сите вработени во Министерството и Армијата се на располагање на нашите мировници, секогаш кога има потреба за тоа.

DSC_2736_resize

Генералот Котески, пак, истакна: „Од вас очекувам, секој на своето работно место да го даде својот максимум, да покажеме дека работиме согласно сите стандарди, работиме квалитетно и дека сме подготвени да дадеме реален придонес во рамки на мисијата Одлучна поддршка“.

Република Македонија го продолжува своето учество во рамки на новата мисија на Алијансата во Авганистан – мисијата за обука и менторирање наречена „Одлучна поддршка“. Согласно одлуката на Владата на Република Македонија и Собранието на Република Македонија, нашата држава учествува со вкупно 38 припадници на Армијата и тоа 5-мина офицери во рамки на германскиот контингент во Командата Север, 12 офицери и еден подофицер во рамки на турскиот контингент во Командата на Кабул, како и 20 мировници како обезбедување на Командата на „Одлучна поддршка“.