Средба на министерот Јолевски со високиот претставник од САД Хојт Ји

Министерот за одбрана Зоран Јолевски оствари средба со заменик помошникот државен секретар за Европа и Азија во американскиот Стејт департмент, Хојт Ји, кој е во работна посета на Република Македонија.

Главна тема на разговорот, соопшти денеска МО, биле евроатлантските интеграции на  Република Македонија, при што Јолевски истакнал дека членството во НАТО е приоритет и затоа Министерството за одбрана и АРМ продолжуваат со активностите за исполнување на оваа цел.

– Армијата на Република Македонија е целосно интероператибилна со армиите на земјите членки на НАТО, за што е потврда и учеството во НАТО мисијата во Авганистан, стои во соопштението од МО.

На средбата Ји истакнал дека Македонија ја има поддршката на САД за евроатлантските интеграции и изразил благодарност за учеството на македонските војници во мировната мисија во Авганистан „Одлучна поддршка”. Тој ја поздравил соработката на Армијата на Република Македонија со Националната Гарда на Вермонт.