Политика

Средба на партиските подмладоци во „Тренд“, опозициските не дојдоа

По иницијатива на Претседателот на Унијата на младите сили на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Нелоски денеска напладне во скопското кафуле Тренд се собраа да се напијат кафе и да разговараат претседателите на подмладоците на политичките партии во Македонија.

Нелоски, како што вели, упатил покана до сите подмладоци на политичките партии во Македонија, но поканата не ја прифатиле само опозициските подмладоци.

Кафе средбата пред се’ беше наменета за дружење, разменување идеи, но се разговараше и за актуелната состојба на политичката сцена, за младинската политика која се води, како и за програмите и политиките на подмладоците на политичките партии.

Беа разменети повеќе идеи помеѓу младите, со цел подобрување на младинскиот стандард и овозможување повеќе можности за напредок и успех на сите млади во државава.

Денешната средба иако наиде на бојкот без никаква причина од страна на опозициските подмладоци, Владимир Нелоски  и останатите претседатели на подмладоците се надеваат дека ќе прејде во традиција, каде што пред се ќе биде пример за сите млади кои припаѓаат на различни партии, дека најважна е дружбата и соработката помеѓу нив и само така може да се дојде до заеднички напредок.

Ова не е прва ваква иницијатива на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, во 2011 година тогашниот Претседател на УМС ВМРО-ДПМНЕ Диме Спасов, по своја иницијатива ги покани сите претседатели на подмладоците на политичките партии кај Претседателот, Ѓорѓе Иванов, да се напијат кафе, да разговараат и да потпишат Меморандум за фер и коректна кампања за парламентарните избори.