Средба на партиските работни групи

Партиските работни групи денес ќе заседаваат околу спроведувањето на обврските од Договорот од Пржино.

Партиските работни групи ќе заседаваат по извесна пауза, а средбата следи по вчерашната посета на специјалниот пратеник на Германија Јоханес Хајндл и средбите со потписниците на пржинскиот договор  на кои се разговараше за политичката ситуација и можните решенија за излез од политичката криза.

Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека изборите се прифатливо, посакувано и единствено решение за надминување на политичката криза, но базирано  на претходните искуства и однесување на СДСМ, тоа да не биде со лицитирање на изборните датуми, кои подоцна би биле одлагани. ВМРО-ДПМНЕ посочиле и дека  СДСМ ќе мора да даде потврда и да се обврзе дека избирачкиот список е прочистен.

Ахмети и Хајндл, како што соопшти ДУИ, главно разговарале околу прашањата за прочистување на избирачкиот список и за медиумите. Инаку, ДИК и партиите вчера не најдоа решение за спорните гласачи. ДИК на работната група на партиите вчера им предложи трет избирачки список за спорните околу 40 илади гласачи, кој треба да е покрај постоечкиот и оној со гласачите од дијаспората,што за опозицијата не е прифатливо.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.