Средба на премиерот Заев со амбасадорот Пинингтон: Канада ги поддржува аспирациите за членство во НАТО

Пемиерот Зоран Заев, претпладнето во четвртокот се сретна со Филип Пинингтон, амбасадор на Канада за Република Македонија, при што канадскиот дипломат изразил честитки за стапувањето на должноста претседател на Владата, како и за формирањето на Владата низ мирен демократски процес, по длабоката политичка криза во земјата, според соопштението на владината служба за односи со јавноста.

Амбасадорот Пинингтон ја поздравил реформската определеност на Владата, којашто, како што оценил, како што се наведува во соопштението, „се одразува со видлива промена на расположението кај граѓаните и оптимизам дека позитивните промени во државата стануваат реалност“.

Притоа соопштил дека Канада ја поддржува Македонија во НАТО аспирациите.

„Владата на Република Македонија презема сѐ што е потребно да го отвори патот кон евроатлантските интеграции и со тоа да го обезбеди и да го осигура квалитетот на живот на граѓаните. Има големо иселување од Македонија, претежно на млади луѓе, за кои сакаме да обезбедиме перспективи и преку работни места и достоинствени плати да ги мотивираме да останат да живеат во Македонија, а оние кои заминале да видат услови да се вратат. За таа цел се обврзавме на амбициозен План 3-6-9, во чијашто реализација го интегрираме целото општество“, рекол Заев.

На средбата било констатирано дека ваквите „инклузивни политики на премиерот Заев и на Владата и исчекорот кон добрососедските односи имаат поддршка и од меѓународната заедница, што придонесува во градењето доверба кон Република Македонија како држава којашто заслужува да оди напред“.

На средбата се разговарало и за можноста за продлабочување на односите меѓу Македонија и Канада, во делот на економијата. Постои согласност дека реформите што водат кон владеењето на правото и обезбедување сигурност на инвестициите испраќа охрабрувачка порака кон канадските бизнисмени, кај кои постои интерес за Македонија, се додава во информацијата.

Исто така, на состанокот била изразена заедничка согласност дека на регионот му треба стабилност и гледање кон иднината, како и дека напредокот на регионот отвора заедничка перспективна иднина за сите држави, меѓу кои и за Република Македонија.