Средба на претседателите на Македонија и на Србија во Битола

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов денеска во Битола ќе има средба со претседателот на Србија Томислав Николиќ кој престојува во Македонија по повод одбележување на 100 годишнината од битката на Кајмакчелан.

По тет-а-тет средбата, двајцата претседатели ќе имаат заедничка прошетка во центарот на Битола и средби со граѓани.

Предвидено е Николиќ да положи цвеќе на Српските воени гробишта во Битола, каде што се погребани 1.321 српски војник од Балканската и Првата светска војна. Цвеќе ќе положат и претседателот на Република Српска Милорад Додик и министерот за одбрана Зоран Ѓорѓевиќ, кои се дел од делегацијата на претседателот, како и амбасадори на државите сојузници од Првата светска војна во Македонија и претставници на Здружението на Србите во Македонија.

Претходно, Николиќ  ќе учествува на церемонијата за одбележување на стогодишнината од битката на планинскиот врв Кајмакчелан на планината Ниџе. По завршување на поменот за српските војници претседателот ќе се потпише во Спомен книгата во капелата Св. Илија и ќе положи цвеќе во костурницата на српските војници.

Српскиот претседател вчера беше во посета на Грција. Тој во Солун се сретна со претставници на локалната власти и ги посети сојузничките гробишта „Зејтинлик“ и Светогорскиот центар.