Средба на Трајановски, Карановиќ и Пасквал – “Скопје 2015” ќе пречека одбојкари од цела Европа

Пасквал, Трајановски и Карановиќ ги договорија деталите за одбојкарскиот турнир на песок во Скопје

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски оствари средба со супервизорот на ЦЕВ (Европска одбојкарска федерација), Фелипе Пасквал и генералниот секретар на Македонската одбојкарска федерација, Зоран Карановиќ.

Целта на оваа средба се подготовките за одржување на традиционалниот Меѓународен турнир во одбојка на песок “Скопје 2015”, кој ќе трае од 19-ти до 23-ти август, а ќе се одржи на одбојкарските терени на Градската плажа “Парк”.

Од оваа година, шестото издание на овој спортски турнир за првпат ќе влезе во календарот на ЦЕВ како “сателит” турнир.

Ќе гостуваат звучни имиња во овој спорт и тоа од Австрија, Белгија, Хрватска, Кипар, Чешка, Данска, Англија, Франција, Германија, Грција, Италија, Летонија, Норвешка, Полска, Русија, Сан Марино, Србија, Швајцарија, Турција и од Украина. Македонија, како организатор ќе има еден пар претставници во машка конкуренција, репрезентативците Дарко Ангеловски и Ристо Клопчевски.

Организаторите на турнирот од Одбојкарската федерација на Македонија и покровителот, градоначалникот Коце Трајановски, велат дека е голема чест да влеземе во мапата на земји каде се одржуваат овие турнири.

Пасквал задоволен од условите кои ги нуди турнирот "Скопје 2015"
Пасквал задоволен од условите кои ги нуди турнирот “Скопје 2015”

Изминативе денови Пасквал престојуваше во Скопје каде што вршеше контрола на целокупните услови за одржување на ваков тип одбојкарски турнир на песок на Градска плажа „Парк“.

По сите неопходни проверки на терените, сместувачките капацитети, транспортот, горенаведениот супервизор со одредени мали сугестии и забелешки позитивно се изјасни за условите и исполнувањето на критериумите за организација на сателит одбојкарски турнир во рамките на ЦЕВ.

Не е важно што немате море за да организирате турнир во одбојка на плажа. Најреномираниот турнир од календарот на ЦЕВ се одржува во австрискиот град Клагенфурт, односно меѓу планини. Драго ми е што ги исполнувате условите и се надевам дека со овој турнир ќе се поттикне овој спорт и од година во година ќе прераснува во поголем и пореномиран турнир. Тоа што нè импресионира кај вас и е главен фактор што одлучивме да ве вклучиме во календарот на ЦЕВ е големата желба и напорите кои ги вложија од Одбојкарската федерација и Град Скопје, вели Пасквал.

Оваа година на турнирот ќе учествуваат само машки двојки. Натпреварите ќе се одржуваат два пати на ден односно наутро и навечер, а наградата за победниците на турнирот е 8.000 евра.