Средба на вицепремиерот Анѓушев со амбасадорката на Австрија Коблер

Со владина поддршка ќе ја унапредиме соработката меѓу странските инвеститори и домашните компани, рече во четвртокот вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев на средбата со амбасадорката на Австрија во Македонија, Ренате Коблер.

На средбата било разговараано за економската соработка меѓу двете земји, при што соговорниците се согласија дека за поздравување е континуираниот раст на меѓусебната трговска размена од 2006 година.

Вкупните инвестиции од компании од Австрија се над 510 милиони евра, втора земја по обем во поглед на странските инвестиции, а во моментов во Македонија активно работат педесетина австриски компании.

„Инвеститорите од странство, вклучително и оние од Република Австрија, ќе имаат искрен и отворен партнер во Владата. Странските компании кои веќе имаат инвестирано во земјата треба да се чувствуваат слободни да продолжат со своите развојни активности. Владата ќе продолжи да привлекува и нови инвеститори, а преку поддршка на домашните компании, ќе гледаме соработката помеѓу домашните и странските компании да ја подигнеме на повисоко ниво, со што бенефит ќе имаат и компаниите, но и економијата на земјата“, потенцираше Анѓушев.

Соговорниците заклучија дека економската соработка ќе продолжи да се развива и во иднина и дека се очекуваат уште подобри економски резултати.