Средба на врвот на Организацијата на американски држави во Панама

Во Панама денеска започнува средба на врвот на Организацијата на американските држави, на која првпат од 1962 година ќе има претставник на Куба.

На Самитот ќе учествуваат државни и владини лидери од 35 земји, а најверојатно клучен момент на дневниот ред ќе биде враќањето на Хавана во заедничките американски структури.

На последниот форум на Организацијата во Колумбија во 2012 година, повеќето земји-членки истакнаа дека членството на Куба треба да биде обновено.

Поради присуството на кубанскиот претседател Раул Кастро во Панама, во обид да се подобрат американско-кубанските односи, се претпоставува дека е можна и средба меѓу него и американскиот претседател Барак Обама. Шефовите на овие две земји немаат остварено средба уште од времето на Карибската криза.

На Самитот во Панама ќе учествува и венецуелскиот претседател Николас Мадуро, кој е жесток противник на Вашингтон, кој воведе санкции против Каракас поради лошиот однос кон венецуелската опозиција.