Средба на Заев со Ван Хојте и претставници на ЗНМ: Определеноста на Владата кон медиумски реформи е важен чекор за евроинтеграциите

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, денеска се сретна со Питер Ван Хојте, европскиот експерт кој на покана на ЗНМ е во Скопје, со цел да помогне во медиумскиот реформски процес, придружуван од претставниците на ЗНМ, претседателот Насер Селмани и извршниот директор Драган Секуловски.

На средбата е изразена заедничка согласност дека медиумите се меѓу најважните столбови на едно демократско општество, во какво што е определена да ја гради Република Македонија, оваа Влада.

Поради тоа, од страна на Ван Хојте и од претставниците на ЗНМ е поздравена иницијативата на премиерот Заев и на Владата, медиумските реформи да бидат меѓу приоритетите во реформскиот процес што го отвори Владата.

„Работиме и ќе работиме активно со претставниците на медиумската заедница во Македонија, со цел да поставиме долгорочно издржани, системски решенија во медиумската сфера, според најдобрите европски пракси. Се отворивме за целиот реформски процес, а тоа важи и за медиумските реформи. Ја консултираме целата експертска јавност. Го консултираме граѓанскиот сектор. Ќе ја вклучиме и опозицијата. Нашата цел е да обезбедиме МРТВ да биде кредибилен јавен сервис, професионално работење на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и услови за објективно и непристрасно работење на сите други медиуми, бидејки интерес на сите граѓани е да бидат навремено и точно информирани“, рече Заев.

Европскиот експерт Ван Хојте оцени дека премиерот Заев и новата Влада со реформската определеност отвораат перспективи за квалитетен живот на граѓаните и европска иднина на државата и додаде дека е важно разбирањето на Владата за важната улога на медиумите во демократските промени, што очекува да го види и ЕУ. Тој посочи Македонија е на дното по медиумски слободи во извештаите на сите релевантни европски и светски институции и организации токму поради досегашното отсуство на политичка волја да се осигура слобода на говорот, професионално новинарство и заштита на новинарите.

Претставниците на ЗНМ, Селмани и Секуловски ги соопштија ставовите на ЗНМ и на пошироката медиумска јавност со којашто се во контакт, околу конкретни прашања поврзани со предвидените реформи во медиумите. ЗНМ бара посебно да се обрне внимание на заштита на новинарите од насилства од страна на државни институции, како и од притисоци преку нетранспарентни судски процеси, за што се потенцирани досегашни бројни примери.

На средбата премиерот Заев се заблагодари на европскиот експерт Ван Хојте за неговиот придонес во демократските процеси во Македонија. Исто така премиерот Заев и министерот Поповски најавија интензивна соработка со ЗНМ и претставниците на медиумската заедница во Македонија за сите суштински прашања од интерес за новинарите и медиумите во Република Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.