Средба Попоски-Дачиќ

Министерите за надворешни работи на Македонија и Србија, Никола Попоски и Ивица Дачиќ денес потпишаа Спогодба за рационално користење на ресурсите во однос на заеднички дипломатско-конзуларните претставништва во странство.

Според најавите во наскоро време ќе биде одлучено во кои земји е потребна таа соработка, со цел намалување на средствата.

Во рамки на денешната средба, двајцата министри ја потврдија одличната соработка која земјите ја имаат на билатерално ниво, но и на економски план, со можност истите уште повеќе да се зацврстуваат.

-Македонија и Србија се пријателски земји, a заеднички интерес е билатералните односи да бидат колку е можно подобри. Србија ја поддржува европската иднина на Македонија. Oвој регион неоправдано со години и децении е потценуван во однос на другите делови на Европа и затоа заслужува што поскоро да влезе во ЕУ, изјави шефот на српската дипломатија Дачиќ.

Попоски и Дачиќ најавија дека на средбата станало збор и за одржување на втора заедничка владина седница на двете земји, која овој пат ќе се реализира во Македонија во октомври или ноември.

Двајцата министри констатираа дека патната и железничката инфраструктура на коридорот 10, како и енергетското поврзување, се приоритети. Предвидено е да се заокружат повеќе договори и проекти до следната меѓувладина седница, која ќе се оддржи наесен во Македонија.

-Република Македонија и Република Србија имаат значајна економска размена. Планирано е преку активностите на Комисијата за економска соработка да се олеснат уште повеќе трговската размена и инвестиции. Воедно, евроинтеграциите се поле за заеднички проекти и соработка помеѓу нашите две земји,- констатираше Попоски.

Имено, Дачиќ ја искористи посетата во Македонија, од името на српскиот премиер Александар Вучиќ да му испрати покана на премиерот Никола Груевски, на 16-17 декември да биде нивен гостин во Белград на средбата со кинескиот премиер во рамки на состанокот со премиерите од 16 земји од земјите во ЈИЕ.

Покрај средбата со својот домаќин, првиот потпретседател на Владата на Република Србија и министер за надворешни работи Дачиќ, оствари средби и со претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов и со Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски.