Македонија

Средба Попоски – Солстром: Позитивен развој на односите меѓу Македонија и Шведска

Средба Попоски – Солстром: Позитивен развој на односите меѓу Македонија и Шведска

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, денеска го прими политичкиот директор во министерството за надворешни работи на Кралството Шведска, Торбјорн Солстром.

Министерот Попоски ја истакна важноста на континуираната и проактивна шведска поддршка за европската и евроатлантската интеграција на Република Македонија.

„Македонија е целосно подготвена да ги започне преговорите за пристапување во Унијата, согласно препораките на Европската комисија. За одржување на интегритетот и кредибилитетот на процесот на проширување на Европската унија клучен придонес имаат и земјите членки при носењето на одлуки. Во актуелниот геополитички контекст особено е важно почитувањето на меѓународното право и обврски, вклучително и во случајот на Македонија“, подвлече министерот Попоски.

Шведскиот соговорник ги реафирмираше заложбите и поддршката на Шведска за интеграцијата на Република Македонија во ЕУ и НАТО, во функција и на стабилноста на регионот и пошироко.

На средбата заемно беше искажано задоволство од позитивниот развој на билатералните односи меѓу Република Македонија и Кралството Шведска, и нагласен интересот и можностите за интензивирање на меѓусебната соработка во повеќе сфери од заемен интерес, како што се инвестициите, трговијата, здравството, образованието, животната средина.