Средба на спикерот на македонскот парламент Џафери со бугарскиот колега Главчев

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери денеска оствари средба со претседателот на Народното собрание на Република Бугарија, Димитар Главчев, кој престојува во кратка работна посета на Република Македонија., информираше собраниската служба за односи со јавноста.
Џафери истакнал дека е „дојден моментот за отпочнување на нова страница“ во односите меѓу двете држави при што се заблагодарил на поддршката која Република Бугарија ѝ ја дава на Република Македонија и за нејзините аспирации за членство во НАТО и во Европската унија.

Тој, исто така, ја поздравил одличната соработка меѓу претседателите и пратениците на двата парламента во сите последователни мандати и изразил очекување дека истата ќе се интензивира во иднина, особено во светло на потпишаниот Договор за пријателство, добрососедство и соработка од страна на премиерите на Република Македонија и Република Бугарија.

Главчев изразил задоволство од посетата во Република Македонија, оценувајќи дека со потпишувањето на договорот „започнува нова историја“ во односите на двете држави и искажал уверување дека Народното собрание на Република Бугарија, повторно ќе ја даде поддршката со ратификација на договорот, исто како и поддршката за демократските процеси во Република Македонија и за потпишувањето на договорот.

Тој нагласил дека со договорот се отвораат нови хоризонти за соработка на сите полиња, вклучително и меѓу двата парламента на ниво на комисии и групи за соработка, на теми од заемен интерес и особено од интерес на Република Македонија и исполнувањето на критериумите за нејзина евроатлантска интеграција.

Главчев го поканил Џафери да присуствува на ратификацијата на Договорот во Народното собрание на Република Бугарија.