Средба во ректоратот на УКИМ за Законот за високо образование

Во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ попладнево се одржува првата средба на работната група со претставници од Владата, УКИМ, пленумите на професорите и студентите, на која дискутираат за подобрување на законот за високото образование. Од Владата присутни се вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми и заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

Во пресрет на средбата, студентите од Пленумот изјавија за медиумите дека бараат целосно повлекување на постојниот закон и донесување сосема нов, зашто сметаат дека со сите измени постојниот е нефункционален и ја загубил суштината. Не ги прифаќаат последните измени со кои е одложена примената на некои одредби, меѓу кои за една година  полагањето државен испит.

– Бараме комплетно нов закон за високото образование, во којшто тестирање на студентите нема да биде вклучено како решение за контрола на квалитетот на образованието, бидејќи тоа директно се коси со принципот на автономија. Одложувањата сами по себе немаат големо значење доколку не се пристапи кон изработка на целосно нов законски текст и тоа преку отворање инклузивен дијалог, вклученост на студентите во сите процеси на креирањето на тој нов закон кој ќе биде заснован на сеопфатни јавни дебати и суштински анализи, изјави Дарко Малиновски од Студентски пленум.

За нивните натамошни чекори и одржувањето на автономните зони, кои на неколку факултети се прогласени од минатата седмица,  рече дека ќе зависат од денешната средба на работната група и од одлуката што по неа ќе ја донесе нивниот пленум.

На средба која ја иницираше Сенатот на УКИМ, а се одржа во Владата на 6 февруари, беше договорено примената на последните измени на Законот за високото образование (кои Собранието ги изгласа на 14 јануари) да се се одложи – за една година спроведувањето на државниот испит, а други одредби, вклучително и обврската професорите да објавуваат научни трудови во списанија со импакт-фактор – да се одложи за две години. Беше договорено Владата, професорите и студентите заеднички да продолжат да работат на подобрување на високото образование.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.