Средба Заев – Могерини: Нова динамика во евроинтегративниот процес

Делегација на Владата на Република Македонија предводена од премиерот Зоран Заев, ја почна првата официјална посета на Брисел при што е остварена е средба со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија и потпретседателка на Европска комисија, Федерика Могерини.

Премиерот Заев го придружуваат вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Како што информираат од владината служба за односи со јавноста, Заев на средбата со Могерини нагласил дека првата официјална дипломатска посета што се реализира во Брисел, заедно со министрите задолжени за реализација на надворешно-политичките приоритети на Македонија, ја покажува одлучноста на Владата на Република Македонија за забрзување на евроинтегративниот процес.

„Во интерес на граѓаните на Македонија е иницијативата за нова динамика во евроинтегративниот процес. Нашата цел е до есен да обезбедиме доволен прогрес во клучните реформски области, со што ќе дадеме доволно аргументи на Европската комисија да презентира нов извештај пред земјите членки, со обновена препорака за отпочнување на преговорите за членство на Македонија во ЕУ“, изјавил премиерот Заев.

На средбата соопштил дека добрососедските односи и регионалната соработка, засновани на меѓусебно почитување, се силна определба на Владата. На средбата било нагласено како важно отворањето на поглавјата 23 и 24 од претпристапните преоговори.

Могерини, пак, според истопт извор, изразила цврста поддршка на реформските напори на новата влада и најавила дека Македонија има силен сојузник во ЕУ при спроведувањето на реформите. Пораката од високата претставничка од ЕУ е дека „ако реформите бидат спроведени, Европската унија е подготвена да возврати“, толкуваат од прес-службата на Владата.

По средбата со високата преставничка за надворешна и безбедносна политика, Заев придружуван од владината делегација, според најавата, ќе се сретне и со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, со еврокомесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.