Средбата Попоски – Коѕијас – прв чекор за јакнење на довербата меѓу двете земји

Средбата Попоски – Коѕијас – прв чекор за јакнење на довербата меѓу двете земји

Денес заедно направивме нов чекор – со заемен активен пристап за поттикнување на практичната соработка да ја зајакнеме меѓусебната доверба. Очекувам ваквата пракса на дијалог на високо политичко ниво да продолжи и во иднина, за што постои заедничка волја и подготвеност. Довербата меѓу двете земји никогаш не била на доволно високо ниво. Но, денес направивме чекор за јакнење на оваа најслаба алка меѓу двете земји со цел најсилната алка, бизнисот и соработката, уште повеќе да се интензивираат. Денешната средба е доказ дека ќе ја подобриме взаемната соработка и ќе создадеме клима за приближување на ставовите во решавањето на спорот околу името. Двете земји, надвор од овој спор имаат голем заеднички интерес, како од билатерален, така и од меѓународен аспект.

Ова го истакна министерот за надворешни работи Никола Попски по средбата со неговиот грчки колега Никос Коѕијас.

– Грчката надворешна политика верува дека оваа земја е благодет и е носител на стабилноста и безбедноста. Правиме се што можеме да помогнеме на вашиот пат кон ЕУ. Веруваме дека постоењето и стабилноста на оваа држава е дар на Балканот. Постои една разлика во однос на името, но за секој проблем постои и решение, рече Коѕиас.

Министерот Попоски истакна дека денеска не е постигнато решение за името, но постигнат е договор за повеќе мерки за градење доверба кои ќе придонесат за надминување на разликите во духот на европските вредности и согласно заедничките интереси.

Договорени 11 конкретни мерки за практична соработка

Средба Попоски – Коѕијас: Договорени 11 мерки за практична соработка
Средба Попоски – Коѕијас: Договорени 11 мерки за практична соработка

Како што синоќа информираше Министерството за надвореши работни, во рамки на средбата Попоски – Коѕијас договорени се 11 конкретни мерки за практична соработка во области од заемен интерес, која во иднина може да биде дополнувана.

Имено, покрај соработката на полето на политиката и евроинтегративните процеси на Македонија, договрени се и повеќе конкретни мерки на полето на образованието и културата, трговијата и економската соработка, здравството, правдата и надворешните работи, како и за поврзаноста на железничката и гасоводната инфраструктура помеѓу двете земји.

Пругата Битола – Лерин можност за директно поврзување со солунските пристаништа

Железничка пруга Битола - Лерин, фото: Дневник
Железничка пруга Битола – Лерин, фото: Дневник

 

Во однос на поврзаноста, посебен акцент бил ставен на подобрувањето на енергетската поврзаност, односно на гасоводната линија, како и на подобрувањето на железничката врска Битола-Лерин.

Железничката пруга е надвор од употреба 28 години, а некогаш беше составен дел од меѓународната линија Велес-Битола-Лерин-Солун. Во изминатите две и пол децении делницата беше руинирана.

Пругата била изградена 1894 година и има славно минато. Низ неа со воз допатувале многу војници, патописци, конзули, па и историски личности, а беше ставена надвор од употреба пред распадот на Поранешна Југославија во 1986 –тата година.

Ставањето во функција на оваа пруга ќе има големо значење како за битолскиот регион, така и ќе обезбеди бројни поволности за развојот на македонското стопанство, бидејќи со нејзината изградба ќе се обезбеди директна поврзаност на Македонија со солунските пристаништа.

За возобновување на оваа железничка линија веќе беа вложени напори, како од македонска така и од грчка страна уште во 2010-тата година.

Во моментов, веќе е воспоставена редовна железничка патничка линија која сообраќа на релацијата Солун – Скопје – Белград.

Министрите Попоски и Коѕијас договорија заеднички активен пристап за градење на клима на зајакната доверба меѓу двете држави преку интензивирање на севкупната билатерална соработка и водење активен дијалог за отворените прашања, со крајна цел заеднички придонес за надминување на разликите во духот на европските вредности и заедничките интереси. Ваквиот пристап е содржан и во одредбите на Времената спогодба од 1995, чиј потенцијал треба активно да се искористи.