Средбата за Источна Украина заврши без договор

Преговорите на Контакт групата за решавање на украинската криза синоќа завршија во белорускиот главен град Минск без напредок и договор за одржување на следна рунда преговори.

Посредникот во преговорите за регионот Доњецк Денис Пушлин соопшти дека прелиминарниот состанок бил тежок и дека се уште се расправа за времето и местото на одржување на следната средба.

На состанокот не беше дозволено присуство на медиуми, а учесниците по петчасовната средба не дадоа коментар, јави Танјуг.

Следната рунда преговори може да биде закажана за петок, но Министерството за надворешни работи на Белорусија по средбата соопшти дека не е сигурно дали таа средба ќе биде одржана.

Пред почетокот на преговорите на Контакт групата специјалниот претставник на Русија за човекови права, демократија и владење на право Константин Долгов изјави на ТВ „Русија 24“ дека средбата во Минск претставува реална можност за ставање крај на војната во Источна Украина и воспоставување траен мир.

– Сакам да верувам дека ова е реална можност, уште една реална шанса по долги подготовки, да се стави крај на непријателството и воспостави долготрајно примирје, изјави Долгов.

Според податоците на ОН досега во конфликтот во Источна Украина се убиени над 5.000 цивили.

На средбата присуствуваа претставници на Украина, проруските сили, Русија и Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ). Тема на разговор беа мерки за обезбедување стабилен прекин на огнот во Источна Украина. Претходно беше најавено дека ќе биде разговарано и за повлекување на тешкото вооружување, целосна размена на воени заробеници и достава на хуманитарна помош.

Претходната средба во септември резултираше со договорен прекин на огнот, што често е нарушуван од двете страни. Средбата на Контакт групата првично беше закажан за 9 и 12 декември во Минск, но беше одложен на барање на Украина.

ФОТО:МИА