Македонија

Средби на Груевски со локалното население во охридско

Средби на Груевски со локалното население во охридско

Премиерот Никола Груевски во рамки на работната посета на Охрид ја предаде во употреба целосно реконструираната улица „Ристо Чадо“ во населбата Видовишта каде оствари и средба со локалното население при што разговараше за нивните секојдневни потреби и проблеми.

Меѓу прашањата што му беа поставени беше и проблемот на семејството од Охрид со осум деца, кое живее во субстандардни услови во една од бараките што наскоро ќе бидат урнати. Притоа, премиерот  во консултација со директорот на ЈП за стопанисување со деловен и станбен простор Цветко Грозданов се информираше за начинот како да му се помогне на семејството при што беше соопштено дека во најскоро време ќе биде свикана комисија која во скратена постапка ќе му додели еден од становите наменети за социјално загрозени семејства. Премиерот беше дециден – тоа да се стори во најкус можен рок и да се забрза целата процедура околу обезбедувањето на потребната документација, така што тоа семејство до вторник ќе ги добие клучевите од новиот стан.

Граѓаните на Видовишта се заблагодарија за посветеноста со која се преземаат и реализираат проекти од страна на Владата и локалната самоуправа. Заедницата на Египќани изрази благодарност поради активната поддршка што ја добиваат од градоначалникот Никола Бакрачевски. Во разговор со засегнат граѓанин кој работи како пожарникар, Груевски изјави дека ќе се разгледа можноста за зголемување на поволностите околу бенефицираниот стаж на пожарникарите и доколку има можност ќе се излезе со одредени законски измени.

Груевски оствари средба и со дел од жителите на селото Лескоец каде беше констатирано дека таа е една од приградските населби каде изминатиот период биле преземени бројни зафати и проекти за подобрување на животот на населението.

Во Лескоец во тек е изградба на водоводниот и канализацискиот систем чија изградба е предвидено да биде завршена во март идната година, градежни зафати во вредност од околу еден милион евра. Во моментов во Лескоец се гради и повеќенаменско спортско игралиште за потребите на населението.

На прашање на заинтересирани граѓани од Лескоец за судбината на вработените во загубарот „ЕМО“ Охрид, премиерот појасни дека 55 од вработените кои одговараат со стручна спрема ги презема МЕПСО.

– Германската фабрика „Костал“ што ќе гради фабрика во Охрид закупи дел од капацитетите на „ЕМО“ и ќе ги задолжи долгорочно, односно ќе ги преземе кога ќе ја изгради новата фабрика. Во разговорите со претставниците на „Костал“ минатата седмица, рекоа дека ќе преземат одреден бројка, можеби 50-60 од работниците на „ЕМО“, така што ќе се дојде до бројка од 100 -110 работници коишто ќе го решат својот статус, додека за преостанатите има една странска компанија заинтересирана да земе дел од објектите на „ЕМО“ коишто се вон употреба и би вработила од 50 до 60 работници. Тоа не можам да го ветам во туѓо име, но откако слушнаа за влезот на „Костал“ сами повторно се јавија со прашање дали понудата важи, така што се трудиме да привлечеме што побрзо инвеститори коишто ќе им дадат работа на луѓето, рече Груевски, пренесува МИА.

Благодарност за реализираните проекти изразија и жителите на селото Велгошти со кои оствари средба премиерот Груевски во рамки на посетата на Охрид. Жителите му посочија на премиерот дека новоизградената спортска сала е од огромна важност за населението. Покрај месното население, салата, како што посочија, максимално ја искористуваат и граѓаните од општина Охрид. На средбата тие му посочија предлози и барања за решавање на инфраструктурни проблеми во селото, како и барања за решавање на лични проблеми и прашања.