Средбите во куќата на Жан Моне одложени за март

Средбите меѓу претставници на парламентарните партии од македонското Собрание во рамки на процесот „Жан Моне“ се одложени за март. Првично тие требаше да се одржат во куќата на Жан Моне во близина на Париз на 25 и 26 јануари.

Претседателот на Парламентот Талат Џафери за МИА вели дека средбите се одложени за март во договор со европратениците кои ја дадоа иницијативата за разговори на пратениците од власта и опозицијата во куќата на Жан Моне, по насилниот инцидент во Собранието на 27 април. Причина за одложувањето било, како што посочи Џафери, овие средби да не се доведат во контекст на разговорите за решение на спорот за името со Грција, кои се интензивирани во овој период, но и да и се даде време на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се консолидира по изборот на новото раководство, да се изберат нови орган, за потоа со свои претставници да можат да се вклучат во разговорите.

Темите за кои што требаше да се разговара на средбите во рамки на процесот „Жан Моне“ беа реформските закони кои треба да се донесат со консензус, за законите за кои треба двотретинско мнозинство, нов Деловник за работа на Парламентот и етички кодекс за пратениците.

Европратеникот Иво Вајгл, кој воедно е и известувач на ЕП за Македонија, за време на посетата на Скопје во ноември лани изјави дека има начелна согласност од сите политички партии застапени во Собранието за прифаќање на дијалогот „Жан Моне”.

Иницијативата „Жан Моне“, изјави тогаш Вајгл, не е замена или продолжение на Пржинскиот договор, туку негова цел е отворање дијалог што би ја зголемил емпатијата и отворањето дискусија без притисок на јавноста и на медиумите, што ќе придонесе кон конструктивно функционирање на Парламентот.

За првиот состанок што требаше да се одржи на 25 и 26 јануари требаше да се разговара, според Вајгл, за Деловникот на Собранието и Етичкиот кодекс за пратениците како и за владењето на правото.

Состаноците, според најавите, треба да бидат во формат по еден координатор и еден пратеник од пратеничката група, а нив ќе присуствува и претседателот на Собранието Џафери.

За првата средба која е одложена беше најавен и еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан, како и претставник од  Владата на Франција како земја домаќин.