Средношколците денеска на преговори во МОН

Претставници на Средношколската унија денеска се на преговори со Министерството за образование и наука во врска со нивните барања. Тие очекуваат од Министерството да ја разгледа платформата со барањата и да достави одговор за неа.

– Со платформата бараме прием од страна на надлежните во Министерството, на кои им велиме дека како средношколци имаме желба и сакаме подобро и поквалитетно образование, но никако не се согласуваме со начинот и со брзината на спроведување на новините во државната матура што сите нас директно не засегаат, истакнуваат од Унијата на средношколци.

Тие сметаат дека по однос на ова прашање мора да биде слушнат и гласот на учениците.

– Нашето барање е едноставно, а тоа е математиката да не биде задолжителен предмет во државната матура за сите ученици. Нашиот став е дека математиката може да биде задолжителна само за учениците од природно-математичките гимназии, кои всушност одбрале да го учат тоа. Сите останати матуранти треба да имаат право на избор затоа што не секој од нас има дарба и интерес да полага математика. Многумина од нас се посветуваат на јазиците и општествените науки, каде математиката не е најпотребна. Тоа треба да биде земено предвид, истакнаа средношколците.

Тие велат дека за ова барање имаат поддршка од професорите.