Средношколците ја покажаа својата умешност во возење велосипед

Шеесетина средношколци од СУГС „Боро Петрушевски“ и од СУГС „Михајло Пупин“ денеска ја покажаа својата умешност во вешто возење велосипеди на полигонот на СУГС „Боро Петрушевски“, како дел од активностите на третиот ден од Европската недела на мобилност, масовната кампања за промоција на одржливите видови транспорт. Вештото возење велосипеди го проследија градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и претставници од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот и од сообраќајната полиција.

„На третиот ден од Европската недела на мобилност присуствуваме на овој симболичен натпревар во вешто возење велосипед меѓу средношколци од СУГС „Боро Петрушевски“ и од СУГС „Михајло Пупин“. Градот Скопје преку вакви активности и многубројни едукации и презентации пред средношколците работи на промоција на велосипедот како алтернативно средство за транспорт, кое е многу поевтино од автомобилот, не ја загадува животната средина, не создава бучава и не го зазема животниот простор на своите сограѓани. Ги повикувам моите помлади сограѓани, средношколците, во своето секојдневно движење што повеќе да користат велосипед и да придонесат за почиста животна средина во својот град. Исто така, апелирам до средношколците да се грижат за личната безбедност во сообраќајот, за безбедноста на другите учесници и да ги почитуваат сообраќајните правила,“ рече денеска градоначалникот Трајановски.

Учениците од двете средни училишта денеска проследија вежба за давање прва помош на повредени во сообраќајна несреќа, од активистите на Црвениот крст на Град Скопје, а потоа имаа предавање на тема „Безбедност и регулирање во патниот сообраќај“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.