Средношколец убиен во училиште во Косовска Митровица

Еден ученик е убиен денеска во претпладневната смена во средното техничко училиште „Архитект Синани“ во Косовска Митровица, јави дописникот на МИА.

„Убиството се случило во ходникот на училиштето. А.С. (20) бил смртно застрелан од свој соученик. Двајцата учеле во иста паралелка. Сторителот на убиството е уапсен. Мотивите се уште не се познати“, изјавил полицискиот портпарол Авни Захити.

Градоначалникот на Косовска Митровица, Агим Бахтири веднаш пристигна во училиштето и по средбата со директорот изјави дека овој „трагичен настан“ ги погодил сите, најавувајќи преземање мерки во училиштата со цел „ученииците да учат, а не да бидат жртви“.

„Заедно со полицијата ќе се организираме за поголема безбедност во училиштата“, изјави Бахтири.

Денешното е второ убиство во училиште во Косово овој месец. На деветти јануари пред училиштето „Емин Дураку“ во Приштина беше убиено 14-годишно момче, а негов сочуеник беше тешко ранет.