Со средства од ЕУ почна да се гради нов мост кај Зрновци

Почна изградбата на новиот мост на реката Брегалница кај Зрновци, кој претставува главна артерија што ја поврзува општината со градот Кочани. Финансиран со средства од Европската унија, во рамки на Програмата на ЕУ за санација на штетите од поплавите, изградбата на мостот ќе чини скоро 800.000 долари.

„Секојдневното поминување по мостот и покрај забраната претставуваше голема опасност за жителите. Сега со помош на ЕУ, почнуваме со изградба на нов, модерен мост, долг 100 метри и широк осум метри, изјави градоначалникот на општина Зрновци, Блаже Станков.

„Бидејќи стариот мост целосно ќе се отстрани, со цел да се обезбеди конекција со градот Кочани, додека трае изградбата на новиот мост, општината направи алтернативен премин.“

urivanje-na-stariot-most_zrnovci

За време на поплавите во февруари 2015 година стариот мост, изграден пред половина век, беше сериозно оштетен и на него беше ставена забрана за поминување.

Проектот за реконструкција на мостот во Зрновци е еден од осумте проекти финансирани со средства од Европската унија во рамки на неколку милионската Програма на ЕУ за санација на штетите од поплавите кои се случија во 2015 година. Градежните работи се очекува да завршат кон средината на следната година.

Сите проекти ги спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Секретаријатот за европски прашања, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за транспорт и врски, Јавното претпријатие за државни патишта и локалните самоуправи на засегнатите општини.