Средствата од операта „Фауст“ ќе се донираат за Србија и Босна и Херцеговина

Приходот од оперската претстава „Фауст“ од Шарл Гуно, која ќе биде изведена в четврток, во Македонската опера и балет во рамките на 42. Мајски оперски вечери, ќе биде наменет за настраданите  од поплавите во Србија и Босна и Херцеговина.

Премиерата на ова познато дело, кое го обработува и славниот Гете, на сцената на Македонската Опера и Балет, се одржа на 25 октомври 2013 година, по пауза од 30 години.

Во претставата ќе настапат Иван Момиров од Бугарија во насловната улога, Иван Томашев, гостин од Србија во улогата на Мефисто. Маргарета на сцената ќе ја донесе светската оперска дива, Инва Мула, позната на публиката ширум светот по интерпретацијата на музиката во филмот „Петтиот елемент“, Валентин ќе биде во изведба на Франческо Верна-Италија, Вагнер ќе го игра Драган Ампов, Зибел Дарко Нешовски, а Марта Марика Поповиќ.

Режисер е Марио де Карло од Италија, а диригент Оливер Балабурски.

Претставата е со почеток од 20 часот. Од МОБ потсетуваат дека заради градежни зафати, влезот во Операта е преку подземната гаража од страната на аптеката „Зегин“.