Сретен Давидов е најдобар млад научник за 2017 година

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го додели признанието „Најдобар млад научник“ за 2017 година, на Сретен Давидов, кој работи на полето на електротехниката.

Давидов, роден во 1989 година во Неготино, дипломирал на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2012 година. Магистрирал на Универзитетот во Љубљана, Факултет за електротехника во 2014 година. На истиот универзитет, Давидов оваа година ја одбрани и својата докторска дисертација. Давидов е вработен како млад истражувач со звање асистент на Факултет за електротехника при Универзитетот во Љубљана.

Неговата работа опфаќа истражувања на полето на локациска оптимална поставеност на полначката инфраструктура за електрични возила од технички, економски и социјален аспект; истражувања на навиките на возачите на електрични возила со употреба на просторно-временските својства на траекториите на движење на електричните возила; истражувања на полето на одредување на сличноста на траекториите на движење на електричните возила и одредување на репрезентативни траектории – обрасци на движење; планирање на полначката инфраструктура и постапки за помош при крајно одлучување за конечната локација и тип на технологија за полнење; имплементација на стохастични пристапи при моделирањето на влезните податоци во процесот на оптимално планирање на полначката инфраструктура, како и истражувања поврзани со квалитетот на услуга на полнење на полначката инфраструктура. Давидов работи и на истражувања на полето на батериските технологии за зачувување на електричната енергија, алгоритми за ангажман на батериски системи во рамки на системите за секундарна регулација на фреквенцијата во електроенергетскиот систем, на планирање и развој на електроенергетскиот систем – аудиториски вежби, како и на постапки за стохастична оценка на ефикасност на нови инвестиции во електроенергетската мрежа.

„На мое големо задоволство дознав дека д-р Давидов се нафатил да придонесе кон решението за еден од најгорливите проблеми на нашиот град, а тоа е аерозагадувањето. Секоја година се гушиме во смогот кој е последица на човековата неодговорност кон себе и кон животната средина. Тоа е сериозен предизвик што не може да се реши само со конвенционални политики и процедури кои произлегуваат од старата парадигма на неодржлив развој. Овој предизвик подразбира промена на парадигмата, а со тоа и промена на начинот на живот. Креативното решение што д-р Давидов го нуди се електричните возила, односно, ползувањето на чистата енергија – електричната енергија која не ја загадува околината. Поконкретно, тој го обмислува оној суштински важен дел, а тоа е оптимално решение за избор на локации за поставување на станици за полнење“, рече претседателот Иванов по доделувањето на признанието.

„Верувам дека ова ќе биде клучен чекор кон големата и неопходна трансформација на Скопје, па и секој град во Република Македонија во она што се нарекува smart city или паметен град“, додаде Иванов.

„Ова за мене претставува доказ дека државата го цени тоа што го остварувам и дека сум добар во тоа што го работам. Исто така е и верификација на мојата работа и потврда на мојот научен потенцијал кој што го преточувам во нови додатни вредности во областа во која што сум активен и кои што се во корист на целокупното можно знаење на човекот. Токму на тоа сум посебно горд, затоа што успевам да придонесам за унапредување и модернизирање на начинот на кој што може човекот да си дозволи да живее, и затоа што можам да влијаам и да направам разлика. Посебно ми значи тоа што државата со ова признание ми укажува на посебна важност и ја цени успешноста на меѓународните достигнувања на мојата научна работа“, рече Давидов по доделувањето на признанието.

Давидов е автор на четири научни труда објавени во ревија со импакт-фактор. Автор е и коавтор на 8 конференциски труда. Учествувал и во неколку научни проекти. Рецензент е и за две интернационални ревии со импакт-фактор од издавачката куќа „Elsevier“: Energy и Applied Energy. Член е на ИЕЕЕ ‒ Институт на инженери по електротехника и електроника и на СИГРЕ ‒ Комитет за големи електрични системи и ЦИРЕД ‒ Комитет за дистрибутивни електрични системи.

Признанието „Најдобар млад научник” за врвни научни достигнувања се доделува по осми пат, по иницијатива на претседателот Иванов. Целта на доделувањето на ова признание е да се поттикне развојот на научната и истражувачката мисла, со особен акцент на младите македонски научници до 30-годишна возраст.